Во секојдневниот говор кај месното население и во целото охридско подрачје, селото се нарекува со името „Курајца“ или „Кураица“, а поретко и „Куратица“. Со името „Курајца“ е запишано (како додаток) и на топографската карта со размер 1:25000 изработена во 1973 година — лист Охрид, покрај официјалното име „Куратица“.
Најстар пишан документ за името на селото претставува Опширниот пописен тефтер за Охридскиот санџак од 1582 година, каде што селото е запишано како „Куратица“. Кон крајот на XVI век и почетокот на XVII век во кодиката на Слепченскиот манастир е запишано како „Куратица“, во 1888 година Верковиќ, а иодоцна и К’нчов селото го запишале како „Куратица“. Во 1892 година, во своите белешки од Охрид, Бранислав Нушиќ го запишал како „Коратица“, а со ова име се среќава и во административните акти непосредно по војната. Меѓутоа, никој од досегашните наведени автори и документи не го објаснува значењето на името на селото.
Во врска со потеклото на името на селото Куратица, кај постарите жители од ова село постојат различни мислења. Некои сметаат дека селото го добило името заради тоа што е сместено во терен што личи на корито и би требало да се вика „Коратица“ Според други, името на селото доаѓа од турскиот збор „кури“ (kuri), што значи „сув, а, о“, па оттаму и мислењето дека селото порано се викало „Суво село“ или „Суви дол“.
Постои и мислење дека селото го добило името по личното име Курат или Курт.
Од научниците, прв и единствен што досега се зафатил со знаечењето на името на селото Куратица е полскиот славист Влоѓимјеж Пјанка, кој го застапува мислењето дека името на селото во основа има влашко потекло и доаѓа од зборот „курат“ (curat) што значи „бистар, брз, чист“.
Регион: Југозападен
Општина: Охрид
Област: Охридско
Население: 326[1] жит. (поп. 2002)
Пошт. бр.: 6306
Повик. бр.: 046
Надм. вис.: 1.080 м
Слава слава: Свети Никола Летен Голема Богородица
Ова, според Пјанка, доаѓа оттаму што селото се наоѓа на чист планински поток. Во прилог на тврдењето на Пјанка оди тоа тоа што одредени топоними во подрачјето на селото („Влашки Колиби“, „Влашка Чешма“, „Влашка Вода“, „Влашко Бачило“, „Влашки Рид“, „Катуништа“) даваат до знаење дека некогаш тука живееле Власи кои ги паселе овците по планинските предели на Мазатар и Плакенска Планина.
Можно е селото да го носи името и од поранешната локација „Горно Село“ во чија непосредна близина имало извори со чиста планинска вода, меѓутоа денес низ селото не минува „чист планински поток”, туку постои само суводолица која повремено надојдува.
Има податоци кои укажуваат на друго значење на името на селото Куратица. Така, на пример, во Етимолошкиот речник на Петар Скок се наоѓа зборот од латинско потекло „куратус, курат“ (kuratus, kurat), што значи „свештеник, жупник“, со објаснување дека оттаму доаѓа и зборот „куратија“ (kuratija) што значи „жупа“.
Аналогно на тоа, зборот „Куратица“ би значел „жупица“ или „мала жупа“. Зборот „жупан“ во словенските јазици значи управител на област кај Јужните Словени во минатото.
Оттаму и доаѓа името „жупанија“ за областа со која раководел жупанот. Ако се има предвид конфигурацијата на теренот каде што е сместено селото Куратица, постои можност овој дел, во периодот на доселувањето на Словените да претставувал посебна област или жупа.
Куратица се наоѓа во североисточниот дел на Охридското Поле и во источниот дел на Општина Охрид. Селото е планинско, на надморска височина од 1.080 метри.
Од градот Охрид селото е оддалечено 20 километри. Куратица е особено планинско село, сместено во падините на гребенот Вишеслојец (1.383 метри). Во близина е изворот на Куратичка Река, десна притока на Коселска Река. Околни села се: Сирула на запад, Расино на југозапад и Речица на југоисток. Во минатото, мештаните со вода за пиење се снабдувале од чешми.
Денес, селото има изграден селски водовод. Истиот бил изграден во 1962 година. Месностите во атарот ги носат следниве имиња: Мазатар, Ванатино, Долги Рид, Влашка Вода, Мечкин Дол, Св. Димитрија, Вранешница, Требишки Рид, Калипадине, Мала Река и други.
Селото во основа има збиен тип. Одредени делови од селото се нарекуваат по родови, како што се: Крушаровци, Трпеновци, Гиновци, Божиновци, Шутевци и други.
Куратица е оддалечено пет километри северно од регионалниот пат Охрид—Ресен. Сместено е во пазувите на планината Мазатар (Бајрак, 1.635 м.).
Местоположбата на селото е во тесна карстна долина, околу мала река, која надојдува за време на посилни врнежи, поради што селото трпело штети од поплави. Поради положбата, селото има издолжен облик во насока северозапад-југоисток. Може да се каже дека е поделено на три маала: Горно, Долно и Средно.
Атарот на селото Куратица се наоѓа помеѓу атарите на селата: Расино на југозапад, Сирула на запад, Лешани на северозапад, Брежани на североисток, Плаќе и Речица на југоисток, и Завој и Опеница на југ.
До селото води асфалтен пат, кој бил асфалтиран во текот на 1980 година.
Постои предание дека Куратица е старо село, исто како и Сирула.
Меѓутоа, за Куратица нема точни податоци, додека Сирула се спомнува како дервенџиско село уште во 1582 година. Според предание, селото било еднаш раселено за време на турската власт.
Денешното село било обновено од преостанатите жители на старата Куратица. Тогаш, се доселиле седум-осум домаќинства, од кои денес потекнуваат сите родови.
Во XIX век, Куратица било село во Охридската каза, на Отоманското Царство.
Јужно од селото, во месноста Вранешница се наоѓаат неколку пештери, наречени Маркови Куќи. Во Илинденското востание таму се криеле жителите од соседното село Сирула.
Меѓутоа, нивната положба била откриена на Турците од страна на мештанинот Велјан Славески. Биле убиени околу 30 жители.
Атарот е релативно голем и зафаќа простор од 23,3 км². На него преовладуваат шумите на површина од 1.271 хектар, на обработливото земјиште отпаѓаат 681 хектар, а на пасиштата 154 хектари.
Селото, во основа, има полјоделско-шумарска функција.
Во непосредна близина на црквата „Св. Никола“ се наоѓа килимарницата изградена во текот на 1982 година, шго работела во состав на 33 „Рашанец” од Охрид. Некогаш во нејзе работеле 30 жени од селото.
Во поново време, во селото активни се напорите за развивање на туризмот.
Оттаму, во селото работи ресторанот „Дедо Димо“, се организираат возења со џип по Плакенска Планина и Мазатар, пешачење, планинарење, тури со магариња, а имало идеја и за создавање скијачка патека
Во книгата „Етнографија на вилаетите Адријанопол, Монастир и Салоника“, издадена во Истанбул во 1878 година, во која е прикажена статистиката на машкото население од 1873 година, селото е посочено со 25 домаќинства и 78 жители.
Според податоците на Васил К’нчов („Македонија. Етнографија и статистика“) од 1900 година, во Куратица живееле 395 жители, сите Македонци.
Според секретарот на бугарската егзархија Димитар Мишев („La Macédoine et sa Population Chrétienne“), во 1905 година во Куратица имало 464 жители, егзархисти.
Куратица било големо село, кое што во 1961 година броело 979 жители, а во 1994 година преминало во средно село по големина, со 417 жители, македонско население.
Според последниот попис од 2002 година, во селото Куратица живееле 326 жители, сите Македонци.
Во табелата во продолжение е направен преглед на населението во сите пописни години:
Извор за 1948-2002 г.: Државен завод за статистика на РМ.
Куратица е чисто македонско православно село. Сите родови во селото се староседелски, кои живееле во Стара Куратица. Во селото има 8 родови.
Родови во Куратица се: Крушаровци (10 к.), Чолевци (10 к.), Гиновци (10 к.), Трпевци (10 к.) и други. Просечно секој род има по 10 куќи.
Според истражувањата на Бранислав Русиќ од крајот на 1940-тите, родови во селото биле:
Селото влегува во рамките на Општина Охрид, која била проширена при новата територијална поделба на Македонија во 2004 година.
Во периодот од 1996 до 2004 година, селото било дел од некогашната рурална Општина Косел.
Во периодот од 1965 до 1996 година, селото било сместено во големата општина Охрид.
Во периодот од 1955 до 1965 година, селото било дел од тогашната општина Косел.
Во периодот 1952-1955, селото било дел од тогашната Општина Косел, во која покрај селото Куратица, се наоѓале и селата Вапила, Горно Лакочереј, Долно Лакочереј, Завој, Косел, Ливоишта, Опеница, Орман, Плаќе, Расино, Речица, Свиништа Сирула.
Во периодот 1950-1952, селото било дел од некогашната општина Опеница, во која влегувале селата Завој, Куратица и Опеница.
Во селото постои изборното место бр. 1341 според Државната изборна комисија, сместено во месната заедница.[16] На претседателските избори во 2019 година, на ова изборно место биле запишани вкупно 330 гласачи.
Куратица, 6000, Охрид – Македонија
Контакт Тел: +389 75 657 999
Понеделник – Петок, 8:00ч – 16:00ч