Вести|

Весели, разиграни, распеани василичарите на карневалот во Куратица преку несекојдневни маски на сатиричен и крајно комичен начин вчера вечер исмеваа бројни ликови и случки. И на Курајчкиот карневал највпечатливи беа маските за политичките случувања и случајот „Рекет”. Продефилираа Катица Јанева, Боки 13-ка, курајчани тргнаа и на патот кон ЕУ. Маски имаше и од други градови од земјава.

 

Во извонредниот театар на отворено уживаа многубројните посетители, жители на селото, повратници од странство, но и гости од други градови во земјава. Домаќините ја зготвија и традиционалната каша-варенјца во чест на Василица.

Пред вчерашното дефиле претстоеше традиционалниот дел пренесуван од колено на колено, кој секогаш е на 13-ти јануари со палење на василичарскиот оган и зетот, невестата, бајачот, валегачот, музикантите и околу 300 учесници кои секој на свој начин маскирани ги посетија сите домаќинства во селото.

Ваквата автентичност во обичаите „Карневалот во Куратица“ веќе го вбројува меѓу позначајните во земјава, покрај струмичкиот и вевчанскиот. Жителите велат дека карневалот е стар исто колку што е старо и селото. Непотврдени податоци говорат дека маскирањето во Куратица има традиција која датира од далечната 1575 година.

Организаторите очекуваат дека со малку помош оваа манифестација може да биде вистински погодок за развој на етно-туризмот збогатен со чист воздух и природа кои ќе бидат бренд на туристичката мапа и понуда.

Извор: 24.mk

Close Search Window